КАЈМАКЧАЛАН
Кајмакчалан е највисокиот врв на планината Ниџе (2.521м) и клучна позиција за време на Првата светска војна. Битката кај Кајмакчалан останала запаметена по големиот број на жртви кои ги претрпеле и двете завојувани страни, бугарската и српската војска биле стационирани на спротивните страни на овој фронт. На двете страни, исто така имало и македонски, насилно регрутирани војници од локалното население.
Патот кој води до врвот Кајмакчалан е планински и достапен само со помош на теренско возило. Тоа е лош и необележан терен и препорачливо е да се посетуваа исклучиво со лиценциран планински водич и тоа кон крајот на јуни, јули, август, септември, сѐ до средината на октомври.
Тргнувајќи од претходно договорена локација во Битола, нашиот лиценциран планински водич, со теренско возило 4х4 џип, ќе ве поведе на 10-12 часовна авантура во посета на едно од најкрвавите и најужасните места од Првата светска војна на македонскиот фронт каде што се одиграла битката за врвот Кајмакчалан.
Легендата за срцето на Др.Рајс и воената костурница
Во есента 1916 започна долгоочекуваната офанзива на Антантата преку продорот на српските и француските сили северно од Битола преку планините околу Мегленци, додека Бугарите биле на другата страна на фронтот со германските сили кои служеле како логистика утврдени во длабоки ровови. Битката кај Камакчалан се водела помеѓу 12-ти и 30-ти септември 1916г., кога првата српска армија успеала да стигне до врвот свети Илија, и да ги избрка Бугарите до мариовскиот регион каде што поставуваат нова одбранбена линија. Помеѓу 26ти и 30ти септември, врвот Кајмакчалан бил неколку пати освојуван од двете страни се додека српската армија не го освоила на 30-ти септември. Човечките жртви биле огромни најмногу заради фактот што битката се водела човек на човек.
Со освојувањето на Кајмакчалан, на српската и француската армија им било овозможено да продолжат со понатамошни дејствија со кои на 19ти ноември 1916 год. ја ослободиле Битола. На врвот Кајмакчалан, дури и за време на првата светска војна, србите започнале да градат споменик кој во 1921 год. бил претворен во црква која била осветена и имала костурница каде се собирале коските од мртвите од околните места. Бројот на мртвите и исчезнатите од оваа област бил толку голем што многу години подоцна, дури и после Втората светска војна, овчарите од оваа област сѐ уште наоѓале коски и черепи. Црквата ,,Св.Петар“ на врвот Кајмакчалан ја одржува легендата за Рудолф Арчибалд Рајс чие срце по неговата смрт во 1928 год. било завиткано во злато и ставено во урна во црквата на Кајмакчалан.
Др. Рајс, како што е познат меѓу локалното население, не бил доктор туку професор, криминолог, фотограф и дописник за весници од повеќе држави, кој известувал за ситуацијата директно од фронтот.