БУНКЕРИ И РОВОВИ Тајната за КОТА 1050

Тајната за КОТА 1050 – Македонски Фронт

Тргнувајќи од веќе претходно договорена локациа во Битола, нашиот лиценциран водич со теренско возило 4х4 ќе ве однесе на 8-9 часовна авантура на една од најзначајните локации од периодот на Првата светска војна на Македонскиот фронт. Ќе имате единствена можност да стапнете, пешачите, влезете и истражувате низ неодамна отворените, исчистени и реновирани ровови и бункери, длабоко под земја и високо на планинските сртови.

1050

За КОТА 1050

Кота 1050 (Elevation 1050) е една од поважните стратешки позиции на Македонскиот фронт за време на Првата светска војна.
По освојувањето на врвот Кајмакчалан од страна на силите на Антантата во крајот на месец септември 1916 година, борбите се префрлиле во близина на градот Битола и Црна Река. Сојузничките војски влегле во Битола на 19 ноември 1916 г, по што Централните сили се повлекле во планините околу Битола, од каде градот бил бомбардиран во период од скоро две години.
Во тактички поглед особено важен бил планинскиот отсек од село Суводол до село Орле, каде посебно била важна Кота 1050. Германската војска сфатила дека со губењето на оваа кота, би се довела во прашање одбраната на сите нивни позиции во лакот на Црна Река и на сојузниците би им се отворил патот за освојување на централна Македонија. Токму поради тоа, и двете завојувани страни посветиле големо внимание на оваа локација и голем број на војници ги дале своите животи  на ова место.
Германската команда сериозно ја сфатила одбраната на оваа позиција и таа задача ја доверила на Гардискиот ловечки батаљон, кој успеал да се задржи на своите позиции и да ги одбие нападите на српската војска која во месец ноември 1916 г, на неколку пати пробала да ја освои истата. Во тој период, доста тешки борби се воделе и за освојување на Грунишки Вис.
Српската војска не успеала да ја освои Кота 1050 и со настапувањето на зимата 1916/17 година дошло до стагнација на Македонскиот фронт и се преминало на рововско војување.

Неуспехот на српската војска се должи пред сѐ на премореноста на војниците кои претходно забележале доста успеси и воедно на широкиот фронт кој го зафаќала Српската војска, без можност за засилување на пооделни делови на фронтот.
По преминот кон рововско војување дошло до реорганизација на Сојузничките војски, по што овој дел од фронтот бил распределен на Италијанската војска.
Италијанската војска дејствувала во составот на Француската Источна Армија со 35-та Италијанска пешадиска дивизија на чело со генералот Пепито Ди Рорето со приближно 30.000 војници. Во месец мај 1917 г, Сојузничките сили повторно направиле безуспешен обид да ја освојат кота 1050, по што италијанската дивизија загубила 68 офицери и 2149 војници а Втората руска бригада околу 1000 војници. Се претпоставува дека загубите на спротивната страна биле приближно исти.
Денес, мал број на луѓе ја знаат вредноста на Кота 1050, и тајните кои ги крие ова запуштено место.
« на 2 »