БИТКАТА КАЈ ДОБРО ПОЛЕ
Најважната и решавачка битка на Македонскиот фронт
Тргнувајќи од претходно договорена локација, нашиот лиценциран планински водич, со теренско возило 4х4 џип, ќе ве поведе на 10-12 часовна авантура низ едно од најзначајните места од Првата светска војна на македонскиот фронт, каде што се одиграле најважните и решавачки битки.
Патот кој води до Добро Поле е планински и екстремно лош заради што е достапен само со помош на теренско возило. Тоа е лош и необележан терен и препорачливо е да се посетува само со помош на линценциран планински водич. Заради тоа што локацијата Добро Поле се наоѓа на македонско-грчката граница, потребно е да поседувате дозвола за посета од локалните власти во Македонија, која ние ќе ја обезбедиме.
Добро Поле е локација од Првата светска војна во општина Новаци – регион Мариово, во близина на македонско-грчката граница.
Со релокација на многу германски единици на западниот фронт во пролетта 1918 година, позицијата на централните сили на македонскиот фронт значително се влошува. Моралот помеѓу прегладнетата бугарска армија значително опаѓа, предизвикувајќи многу војници да дезертираат на другата страна, некои од нив оставајќи писма во кои пишувало ,,Празни ранци не бранат граници”. Во ваквата ситуација командата на Антантата видела можност за дополнителен притисок врз германците, кои веќе се повлекувале кон западниот фронт, низ силна офанзива на македонскиот фронт. Главниот напад бил планиран на локалитетот наречен Добро Поле, помеѓу врвовите Сокол и Ветерник на Ниџе планина и многу од сојузничките генерали верувале дека нападот на оваа локација би бил самоубиство затоа што како отворено поле лесно може да се брани. Од друга страна пак, нападот на ова поле би значел целосен колапс на бугарската дефанзива па затоа сојузничките сили биле решени да ризикуваат. Нападот започнал на 14ти септември 1918 година со артилериски оган врз неколку позиции. На 15ти септември во 5:30 наутро следел и пешадиски напад. Според сведочењето на локалното население кое во мал број останало во околните села- ‘земјата горела од силното бомбардирање”.
Во првите борбени редови кај сојузничките сили биле 122та француска пешадиска дивизија, 17та француска пешадиска колонијална дивизија и србската шумадиска дивизија, а во втроите борбени редови биле србските дивизии-Тимочката и Југословенската. Бугарите го издржале големото бомбардирање па битката морала да се добие со помош на пешадијата. Српската армија полека навлегувала по стрмните падини и колку повеќе се доближувала, толку посилен бил бугарскиот против напад. Со помош на пламенофрлачи, бугарските гнезда со митралези биле уништени и по осумчасовна битка бугарската борбена линија била целосно уништена. Два дена од почетокот на нападот, одбранбените позиции на бугарите и германците биле пробиени 25км во ширина и 10км во длабочина. Командирот на 11та германска армија наредил повлекување на германските и бугарските единици од борбената линија во близина на селото Полчиште. Десет дена по битката кај Добро Поле сојузничките сили стигнале до месноста Градско, каде што во тоа време бил комуникацискиот центар на централните сили и на овај начин била прекината комуникацијата помеѓу германската команда и бугарската армија на борбените линии.
На 29ти септември, сојузничките сили влегле во Скопје и веќе биле на државните граници на Бугарија. Исплашена од можна окупација од сојузничките сили, бугарска делегација на 29ти септември во Солун потпишала примирје со што воените операции помеѓу Бугарија и сојузничките сили биле прекинати. Иако условите за примирјето биле многу тешки за Бугарија, сепак делегацијата го потпишала истото. Со потпишувањето на примирјето прекинале сите непријатности во регионот на македонскиот фронт. Од друга страна, србската армија продолжила да се бори со германските и австро-унгарските војски за ослободување на Србија. Поразот кој го претрпеле германската и австро-унгарската војска прво предизвикал пад на Австро-Унгарија, која на 14ти ноември 1918год. потпишала капитулација што пак довело до распад на двојната држава и Хапсбуршката монархија. Неуспесите на западниот фронт, настаните на Балканот како и внатрешната криза и немир ја приморале Германија на 11ти ноември 1918 год. да потпише примирје со сојузничките сили, со што го признала својот пораз.